„Сега стоиш на престолот на Сештедриот, како подобен на богословите и ним еднаков по нарав, семудри Григорие, солунски пастиру, убавино на ерарсите, светло украсен со славата на свештенството, и сега служејќи Му на Бога“ (песна од Канонот на Утрена во Втора недела од Великиот пост).
На 04.03.2018 година, во Втората недела од Великиот пост, Неделата на светиот Григориј Палама, и на празникот на преподобниот Доситеј, во капелата „Св. Григориј Палама“ во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во с. Рајчица, Дебар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Доситеј, Макариј, Ефросиниј и Кирил, свештеникот Миле Ангелоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше осветено коливото, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Mysneakers | シューズ
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Втората недела од Велигденскиот пост е посветена на св. Григориј Палама. Овој Божји угодник живеел и творел во XIV век. Тој е многу значаен за богословската мисла, особено, во поглед на исихазмот – тихувањето.
Црковниот поредок, пак, на Литургијата, предвидува да се чита светото Евангелие за раслабениот, односно за парализираниот. Знаеме дека оној кој ги има изгубено сите телесни сили и е парализиран, тој нема никаква можност, независно колкава желба и волја да има, сам од себе да се придвижи. Затоа, потребна му е надворешна сила, која би го подигнала и би го придвижила.
Но, тука би сакале да кажеме неколку зборови за поимот болест. Според Божјата промисла, човекот не е создаден да биде болен. Болеста се јавува како нарушување на Божјиот закон и оддалечување од патот којшто е устроен од Бога. Но, не само што човек се оддалечува од Божјиот пат, туку, избира погрешен пат, којшто доведува до разрушување на хармонијата помеѓу Бог и човекот. Болеста се јавува како казна за сторениот грев. Треба да кажеме дека, во овој случај, кај парализираниот човек не станува збор за негови гревови, кои, не се исклучени да ги имал, како секој човек што живее, но, тука станува збор за општиот грев, гревот на Адам, преку кој падна човековата природа. Затоа и Господ Исус Христос најпрво, на парализираниот, му вели: „Синко, ти се проштеваат гревовите!" а потоа: „Стани, земи ја постелата своја и оди си дома!" (Мк. 2, 5 и 11).
Во моментот кога раслабениот станал, делувала Божјата благодат. Истата физички никој не ја видел, но сите ја виделе нејзината физичка пројава. Го виделе дејството Божјо кое го организирало дезорганизираното. Го интегрирал разделеното и го соединил распадливото. Се појавил човек здрав, човек, кој претходно бил парализиран.
Св. Григориј Палама, како Атонски монах, изучил доктрина во тихување и сконцентрираност, преку постојаното изговарање на молитвата: Господи Исусе Христе помилуј ме грешниот. Преку постојаната молитва, поедини светогорски подвижници се здобивале да ја доживеат Таворската светлина како несоздадена енергија. Токму таа енергија е силата Божја којашто делува, обединува, соединува, лекува, просветлува и осветлува.
Во физичкиот свет, поточно во физиката, има еден оддел кој се нарекува термодинамички. Во него постои еден закон кој се нарекува ентропија, односно, закон кој создава безредие или хаос. Неговото основно дејствие е рушителноста. Физичарите тоа постручно можат да го објаснат . Тоа не е наша задача. Од животното искуство знаеме дека еден дом, колку и да е цврсто изграден, ако во него не се живее, туку, се остави сам на себе, по извесно време почнува да се распаѓа и да се растура. Тоа е тој закон на физиката. Така се случува и со човекот. Кога постои безредие во телото, настапува болест и ако соодветно не се лекува, ќе настапи смрт.
Можеби некој ќе постави прашање, зошто го читаме Евангелското четиво за раслабениот, во оваа недела? Затоа што Великиот пост е воспоставен да се здобиеме со Божествената благодат. Должни сме да разбереме како да ги надминеме болестите, но, не само физичките, туку, уште повеќе духовните. Не само личните, туку и општествените. Никој од нас, со никаков систем, со никакви сопствени сили не може да ја победи таа внатрешна ентропија. Тоа може да се победи само со Божјата сила и со моралните принципи, доколку се почитуваат за да не го доведеме во опасност нашето физичко и духовно здравје, и да не дозволиме ентропијата да завладее со нас.
Да го искористиме Великиот пост за наше очистување и просветување. Да измолиме благодатта Божја да се излие врз нас, па да можеме да ги победиме сите искушенија и страданија, за слава Божја и за наше спасение. По молитвите на св. Григориј Палама, така нека биде. Амин!
Втора недела од Великиот пост
04. 03. 2018 година
Манастир „Св. вмч. Георгиј" – Рајчица






