„Страдалнику Теодоре, твојот дар ти прилега тебе, зашто е дел од твоите особини, а нас што нѐ направи учесници во твоето наследство, радосно ти принесуваме дарови на похвала“ (песна од Канонот на Утрена на Тодорова сабота).
На 24.02.2018 година, во Саботата од Првата седмица на Великиот пост, кога го празнуваме споменот на св. вмч. Теодор Тирон, и на празникот на светиот маченик Георгиј Кратовски и светиот Власиј, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Љупчо Бакрачески и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Sneakers Store | Nike Off-White
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Се наоѓаме во првата седмица од Великиот пост. Ова е првата сабота кога служиме целосна литургија, односно, литургијата на св. Јован Златоуст. Оваа сабота го добила името Тодорова сабота, но, оваа година се совпаѓа со уште два празници, а тоа се св. Власиј и св. Георгиј Кратовски.
Христијанството, од самиот почеток, имало разни искушенија. Христијаните биле гонети и протерувани, особено во првите три векови. Во тој период на гонења, тоа дало многубројни маченици. Но, бидејќи христијаните, како што вели св. ап. Павле, не се од овој свет, затоа и овој свет не ги прима, туку, припаѓаат на небесниот, на вечниот свет, и затоа, поднесувале најразлични страдања, мачења и убивања. Нашата света Црква не била прогонувана само во првите три века од страна на римските императори, туку, таа ќе биде прогонувана, страдала и страда преку целата своја историја.
На нашите простори забележани се повеќе свети угодници, кои, својата вера во Бога и во Христовата црква, ја посведочиле со маченичка смрт, особено, во петвековното Османлиско ропство. Некои од нив, за кои имавме историски податоци, минатите години, нашата света Црква ги впиша во диптихот на Божјите угодници. Но, верувам дека има неброено многу, кои, според Божјата промисла, сè уште не се откриени и прославени и во земната црква. Но, затоа се прославени во небесната, невидливата Црква.
Еден од нив, кој Христа Го посведочил со својот живот, е и св. Георгиј Кратовски. Тој не сакал да прими ислам и бил убиен во Софија. Но, неговото земно погубување го вселува во небесните дворови, кај нашиот Создател и Промислител Господ Исус Христос.
Од нас денес никој не бара нашата вера да ја потврдиме со мачеништво. Но, Црквата од нас бара искрено покајание, отфрлање на секаква страст и грев од нашиот живот. Црквата од нас бара препородување и осветлување со Христовите зборови, па достоинствено да пристапиме кон светиот Путир, односно, кон светата Причест. Па така, духовно очистени и измиени, да ги направиме нашите срца и души сосуд за присуство на Господа Исуса Христа во нашиот живот, во нашите постапки и така да спечалиме милост од Бога за вечен и блажен живот.
По молитвите на св. Теодор Тирон и на св. Георгиј Кратовски, Бог нека ги услиши нашите молитви. Амин!
Тодорова сабота и св. Георгиј Кратовски
24. 02. 2018 година
Манастир „Св. Климент и Пантелејмон" – Плаошник





