„Човекољупче, Кој со Твоите страдања на сите луѓе си им дал бестрастие, откако со Твојот Крст ги умртви страдањата на моето тело, мене, кој со пост ѝ благоугодувам на Твојата слава, удостој ме да го видам божественото страдање, за да ја примам изобилно милоста голема“ (седален на Утрена на Среда од првата седмица на Великиот пост).
На 21.02.2018 година, во Првата среда од Великиот пост, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена Литургија на претходноосветени дарови, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.
Authentic Nike Sneakers | Nike
По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на светата Тајна исповед и покајание за свештениците од нашата Епархија, а потоа се одржа и редовното свештеничко собрание, на кое се разгледаа и се дискутираше за повеќе актуелни теми, прашања и проблеми меѓу свештениците. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа свештенослужители и почитувани верници,
Целиот период на Великиот пост е време за наше покајание и поправање. Гревот најпрво се појавил кај ангелскиот свет, а потоа, кај родот човечки. Тој, во својата основа и по својата природа е противење на Бога. Во ангелскиот свет, тоа противење, се искажува како борба против Бога. Кога ангелот кој отпаднал и постанал ѓавол, се обидел да го заземе местото на Бога. Се обидел да Го сруши Бога и да го разруши Божјиот домострој за созданието. Затоа ѓаволот се именува како противник. И гревот и злото се одразиле во родот човечки. Не се одразило како директна борба против Бога, туку, како откажување на човекот од тоа што Бог му го определува за неговиот живот.
Тоа откажување се изразува во непримањето на Бога и непочитувањето на Божјиот закон и на Божјите заповеди. Спротивставувањето на Бога е откажување и тоа има свои последици. Луѓето не сакаат да живеат според Божјиот закон, туку, во нивниот живот почнуваат да се управуваат според сопственото разбирање, постанувајќи закон сами на себе. Светите отци со право велат дека гревот, во својата суштина, се јавува преку гордоста. Токму гордоста се јавува како движечка сила, којашто човекот го спротивставува на Бога. Затоа, гордоста, според учењето на светите отци, не е само еден од столбовите на многуте пороци и гревови, коишто го зафаќаат човечкиот ум и ја парализираат волјата, туку, тоа е пројава на самата суштина и природа на гревот.
Покрај гордоста, којашто е почеток на гревот, во неговата природа, исто така, е и лагата. Ѓаволот, сè што постигнал, постигнал со лага. Бог предодредил, сè што е создадено, да биде во единство со Бога, како што вели св. ап. Павле: „За да биде Бог сè во сè" (1. Кор. 15, 28). Но, ако би се нашол друг пат, пат кој не соодветствува на Божјата правда, значи, дека тој пат бил лажен и совршено се гледа дека откажувањето од Бога и спротивставувањето на Бога е лага. Неслучајно Господ за ѓаволот вели дека е лажец и татко на лагата (Јн. 8, 44). Така, гордоста и лагата не се појавуваат како одделни пороци. Луѓето коишто својот живот го засноваат врз гордоста и лагата е најопасен и најразорен за нив.
Деновите на Великиот пост ни се дадени да можеме молитвено да размислуваме за гревот. Да размислуваме за злото и за последиците на нашиот живот. Да размислуваме за светоста и за добродетелите. Да анализираме што произлегува во нашата душа. Да согледуваме каде се наоѓаме во таа борба, помеѓу доброто и злото, помеѓу Бога и ѓаволот. Во текот на овие великопосни богослужби, да размислуваме за самите себе и за исправноста на нашиот живот. Со молитва да просиме помош од Бога, во борбата против гревот, кој го разрушува нашиот живот, тука, на земјата и ни ги затвора вратите на вечниот живот. Да се молиме и никогаш да не забораваме на Бога. Амин!
Среда од првата седмица од Великиот пост
21. 02. 2018 година
Храм „Успение на Пресвета Богородица – Каменско" – Охрид





