„Дојде сечесниот празник на апостолите на Црквата Христова, кој ни предлага спасение на сите. Затоа, ракоплескајќи духовно, да им речеме: Радувајте се, светилници кои, оние што се во темнина, ги осветливте со зраците на мисленото Сонце! Радувајте се, Петре и Павле, пријатели Христови и садови чесни, непоколебливи темели на божествените учења! Дојдете меѓу нас невидливо и удостојте нè за духовните дарови, нас кои вашиот празник со песни го славиме“ (стихира на Слава... на хвалитни на Утрена на св. ап. Петар и Павле).

 

На 12.07.2-17 година, на денот кога ги прославуваме светите славни, сефални и првоврховни апостоли Петар и Павле, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Стевчо Тошевски, свештениците Александар Матески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

Best jordan Sneakers | Patike

 

Митрополит Тимотеј

Драги браќа и сестри,

Денеска ги прославуваме светите апостоли Петар и Павле. Како што сите знаеме, сè започнува со апостолите. Апостол – значи пратеник, посланик, свидетел. Но, за што биле повикани да сведочат апостолите? Денешното евангелско четиво, ни помага да ја разбереме самата суштина, односно, сржта на апостолското сведочење. Тоа нивно сведоштво тие го соопштиле на целиот свет. На прашањето на Господ Исус Христос до апостолите: „За кого Ме мислат луѓето - Мене, Синот Човечки?", учениците одговориле: „Едни за Јован Крстител, други за Илија, а некои за Еремија или за еден од пророците". Но, Господ Христос ги прашува директно: „А вие, за кого Ме мислите?" (Мт. 16, 13 – 15). Тоа било главното прашање упатено кон апостолите. Сè уште биле со Него, ги слушале Неговите зборови и ги гледале Неговите чуда. Биле сведоци на Неговата огромна духовна моќ, односно сила. Прашањето е упатено до апостолите за да види дали тие Го разбрале Спасителот, дали ја разбрале Неговата мисија или, пак, како илјадници луѓе, кои ги виделе Неговите чуда и ја слушале Неговата проповед, но, пак, не Го осознале Господа Христа. Он се јавува како чудотворец и проповедник. Апостолот Петар на ова прашање одговара: „Ти си Христос, Синот на живиот Бог". Господ Христос му вели: „Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Кој е на небесата" (Мт. 16, 16 – 17).


Не е спорно дека никакви умствени размислувања, никакви образованија, никакви положби во општествениот живот, никакви човечки сили и можности, а уште помалку Петар, со тело и крв, тоа не можел да го проникне. Бог Отецот му открива дека пред него стои Синот Божји, Господ Исус Христос. Му открива дека неговата мисија е да Го сведочи, заедно со браќата ученици. Исповедањето на Господа Христа како Син Божји и повикот да сведочи, односно да го проповеда Евангелието, тоа е видение и знаење над човековите предели и над човековата моќ. Откровението ги надминува сите искуства и неговото разбирање е надземно. Бог му внушува мудрост на апостол Петар. Мудрост, за да може да ги изговори овие зборови и да Го исповеда Господа Христа како Син на живиот Бог. Потоа Господ ги испраќа апостолите во светот. Тие се Негови посланици и сведоци. Сведоци, кои на народот по светот, му го кажуваат она што го виделе и го чуле. Апостолите неуморно проповедале и учеле. Некои сакале да ги слушнат и да ги разберат, а други, пак, останувале глуви на нивната проповед. Но, Христос за нив вели: „Со уши ќе чуете и нема да разберете, со очи ќе гледате и нема да видите; срцето на овие луѓе закоравело, и со ушите тешко слушаат; и ги затвориле очите свои да не би некогаш со очите да видат и со ушите да чујат и со срцето да разберат, та да не се покаат и да не ги исцелам" (Мт. 13, 14 – 15) Ние, заради тоа ги имаме четирите Евангелија. Евангелијата, кои на прв поглед ни изгледаат различни, но во суштина го проповедаат Христос, Синот Божји.


Што е тоа сведоштво? Човек може да сведочи само она што го видел и што го доживеал во својот живот. Апостолите ја имале таа можност да бидат постојано со Христа. Можност да се насладуваат на Неговите зборови, на Неговите поуки, на многубројните лекувања, истерувања на лоши духови, воскреснувања на умрени. Затоа, тие можеле пред народот да сведочат за Христа како Син Божји. Сето тоа не е нивна мудрост, туку, сила Божја. Сето тоа што тие го сведочат и го проповедаат, не е плод на нивното знаење или искуство, туку, тоа е плод на нивната очевидност, на нивното сведоштво. Тоа сведоштво тие им го соопштуваат на луѓето по целата вселена.


Не секое сведоштво се прима со задоволство и со восхит. Тоа понекогаш предизвикува реакции, дури и прогонства, страдања и разни непријатности. Во денешниот апостол, слушнавме за сведоштвото на св. ап. Палве. Тој вели дека бил тепан, бичуван и многу други непријатности претрпел. Но, претрпувал сè, заради сведоштвото Христово (2. Кор. 11, 22-29).


Ние знаеме дека сите апостоли, со исклучок на св. Јован Богослов, своите животи ги завршиле маченички. Двајцата првоврховни апостоли Петар и Павле, своите животи ги завршиле маченички во Рим, за време императорот Нерон. Тоа е сведоштвото што го носеле апостолите и што денес продолжува да го носи светата Православна црква. Токму тоа сведоштво ќе предизвика огромна промена во животот на луѓето. Тоа сведоштво ќе ја измени целокупната историја на човечкиот род. Тоа сведоштво ќе создаде нова културна цивилизација во светот. Тоа сведоштво е христијанството.


Да се обратиме со искрена молитва кон светите апостоли Петар и Павле, да измолат милост Божја за нас. Да измолат милост Божја за нашата света црква, за нашата татковина Р. Македонија. Помогнати од благодатта Божја да одиме по вистинскиот пат и да Го прославуваме Триединиот Бог, сега и во сета вечност. Амин!

 

Св. Ап. Петар и Павле
12. 07. 2017 год.
Храм „Св. Петар и Павле" - Кичево

petrovden2017 1petrovden2017 2petrovden2017 3petrovden2017 4petrovden2017 5petrovden2017 6petrovden2017 7petrovden2017 8

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5