„Со воздржување да побрзаме сите телото да го смириме, минувајќи го божественото поприште на светиот пост, и со молитви и солзи Господа, нашиот Спасител, да Го побараме, викајќи: Згрешивме, спаси нè, како некогаш Ниневјаните, Христе Цару, и заедничари на Царството небесно, Милосрден, направи нè“ (Стихира на Господи повикав... на Вечерна од Недела на Сирна седмица).

 

На 26.02.2017 година, во вечерните часови, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, според востановената традиција, беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески, протоерејот Никола Христоски, свештеникот Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната богослужба, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. Потоа сите верници и свештенството, побараа еден од друг прошка, та со чисти мисли, покајание и исчистени од секаква зла мисла, да влеземе во деновите на светата Четириесетница, а Господ, нашиот Спасител, да нè удостои да го дочекаме и славното и светло Воскресение Христово.

Best Nike Sneakers | GOLF NIKE SHOES

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Нашата света Православна црква, како грижлива мајка, се грижи за своите духовни чеда. Таа се грижи за спасението на нашите души. Црквата, минатите четири недели, нè подготвуваше изнесувајќи ни повеќе примери. Започна со примерот на фарисејот и цариникот, преку блудниот суд и Страшниот суд, а во денешнава недела, пак, нè наврати да размислуваме за изгонувањето на нашите прародители од рајот. Светата Црква го воспоставила Великиот пост како посебен период, каде што ние треба, како христијани, да посветиме особено внимание за нашиот живот, а сè со цел, спасение на нашите души, односно, заслужување на царството небесно.


Светата Четириесетница е период, каде што ние, преку пост и молитва, и преку други прописи на нашата света Црква, треба да ја постигнеме зададената ни цел, односно, преобразување на гревовниот човек и спасение на душата. Гревот е причина за губење на благодатната состојба и општењето со Бога. Гревот ги истера нашите прародители од рајот. Како последица на гревот наследуваме страдања и болки, а плата за гревот е смртта, којашто преку него дојде во светот.


Човекот без Бога е оставен сам на себе. Самиот треба да се справува со сите препреки и потешкотии кои го придружуваат во овој свет и во овој живот. Огревовен човек не може да се надева на Божјата рака, туку, напротив, сè повеќе се оддалечува од Бога. Но, истовремено се оддалечува и од луѓето, постанувајќи од човек нечовек, и започнува основните начела и морали, кои се всадени во срцата и душите на секој човек, да ги заменува. Па така, доброто го заменува со лошо, а лошото го смета како добро. Таквиот човек е осуден на пропаст, не само во идното царство, туку и тука на овој свет.


Постот, пак, даден ни е како средство. Средство преку кое можеме да го измениме нашиот живот. Средство кое треба да нè преобрази и да го прочисти нашиот ум и срце од секакви лоши мисли, постапки и дела. Но не треба да се преобразиме само кон Бога, туку и кон нашите блиски, познаници, соседи и слично. Потребно е наше искрено обраќање кон Бога и Негова помош, за да можеме да најдеме сили во себе, да го измениме нашиот живот, но, не да го менуваме формално, туку вистински и суштински. Бог, пак, со Неговото милосрдие и човекољубие, секогаш е подготвен да ја наклони Неговата милост и да ни ја подаде Неговата десница. Да нè подигне и да нè зацврсти за да можеме искрено да се покаеме за нашите гревови и да го измениме нашиот живот, онака како што го бара тоа од нас нашата света вера и Црква.


Уште од најстарите времиња, човековата душа била свесна дека и е потребна Божја помош. Затоа, во Стариот завет имаме многу примери како нашите предци се обидуваат со разни жртви и приноси да Го омилостиват Бога, како би можеле да се вратат во првобитната рајска состојба. Бог Својата милост ја покажува низ долгата историја, особено преку пророците и другите избраници кои го поучувале Избраниот народ да се обрати кон Бога. Затоа, имаме и повеќе примери кои ја посведочиле својата вера и одданост кон Бога и заради тоа биле удостоени да Го видат, како што е Мојсеј на планината Синај, каде што ќе ги добие десетте заповеди, потоа Авраам кој ќе покаже голема послушност кон Бога, дури ќе биде подготвен да го жртвува својот син, и заради таа негова одданост и вера, Бог го благословува постанувајќи родоначалник на сите.


И ние сме повикани, на оваа вечерна, кога си подаваме рака и бараме прошка еден од друг, да се обратиме кон Бога, искрено и чесно, да ни даде сила и храброст. Да ги согледаме нашите престапи, грешки и гревови. Па преку покајание и исповедание да се подготвуваме за средба со Бога. Прекрасна е молитвата на св. Ефрем Сирин којашто и вечерва ја слушнавме, а истата вели: Да, Господи, Цару, дај ми да ги согледам моите прегрешенија за да не го осудувам мојот брат. Ако измолиме таква милост од Бога и ако не го осудуваме нашиот ближен, ние, навистина ќе влеземе во Великиот пост преобразени, изменети од лоши кон подобри, од гревовни кон почесни, и нашите срца и души ќе бидат очистени и измиени, бидејќи се вели чистите по срце ќе Го видат Бога (Мт. 5, 8).


Нема човек којшто живее а да не згреши, бидејќи единствен без грев е Бог. И јас, како ваш архиереј, доколку некого сум навредил, повредил, или сум се огрешил кон некој од вас, свесно или несвесно, барам да ми простите. Да си ги проштеваме прегрешенијата еден на друг. Да се очистиме духовно и да се подготвуваме достојно да го пречекаме Христовото Воскресение. Амин!

 

Вечерна на Прочка
26. 02. 2017 год.
храм „Успение на Пресвета Богородица - Каменско" - Охрид

 

procka2017 1procka2017 2procka2017 3procka2017 4procka2017 5procka2017 6procka2017 7procka2017 8

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5