„Како Бог, не одвојувајќи се од прегратките на Отецот, Ти благоволи да примиш тело и, држен во прегратките на Приснодева (Марија), си се предал во рацете на Богопримецот Симеона, Ти, Кој во Своите раце ја држиш сета вселена. Затоа тој викаше радосно: Сега го отпушташ во мир Твојот слуга, бидејќи Те видов, Владико“ (хвалитна стихира на Утрена на Сретение на Господа Исуса Христа).

 

На 15.02.2017 година, на денот кога го прославуваме великиот празник Сретение на Господ Исус Христос, на денот кога нашиот Спасител беше носен на старечките раце од праведниот Симеон, во храмот „Успение на Пресвета Богородица- Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Владо Недески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме. ж

Running sneakers | nike fashion

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска го прославуваме празникот Сретение Господово. На праведниот старец Симеон, му било ветено дека нема да умре додека не Го види Господа Исуса Христа, како Спасител на светот. На четириесеттиот ден по Христовото раѓање, Неговата мајка, света Дева Марија, според законот и обичајот на Стариот Завет, Го однела Божествениот Младенец во Ерусалимскиот храм. Во тоа време во храмот бил праведниот старец Симеон, на кого, според Промислата Божја, му било откриено дека сега е времето кога ќе Го сретне Спасителот. Тој Го познал Господа Христа и земајќи Го во своите стари раце ја изговорил прекрасната и неповторлива молитва: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое, што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабошците, и слава на Твојот народ, Израилот". Во исто време, во храмот живеела и пророчицата Ана, која, исто така, Го прославила Господа. Најверојатно, во храмот имало и други луѓе, но тие не Го познале Христа.


Празникот Сретение е празник на средба. Средба помеѓу праведниот Симеон со Господа, поточно, средба помеѓу човекот и Бога. Тука се сретнуваат Стариот и Новиот завет. Ова е празник на нашето сретнување со нашиот Спасител Господ Исус Христос.


Ние, со Бога се сретнуваме во молитвата, во добро и во лошо, во болести и во страдања, се сретнуваме, исто така, и во светите тајни, а особено во светата тајна Причест. Но, често пати се случува да не Го забележиме, да не Го препознаеме Бога и покрај тоа што поминуваме покрај Него. Се поставува прашањето, зошто не Го препознаваме секогаш? Причини има многу, но една е најчеста, а тоа е нечистотата на нашето срце и душа. Нечистотијата ги прекрива нашите духовни очи и не можеме да го видиме она што треба, и што може да го видиме. Она што е така видливо и очигледно. Неслучајно во светото Евангелие се вели: „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога" (Мт. 5, 8). Чистотата на срцето е основниот предуслов за да Го видиме Бога. Таа чистота ни помага да Му се приближиме и да живееме со Него и во Него. Еве зошто нашата света Црква, во името на сите и за сите, во своите молитвословија ги повторува зборовите: „Создај чисто срце во мене, Боже, и дух вистински обнови во мене" (Пс. 50, 10).


Рековме дека денешниот празник е наша средба со нашиот Спасител Господ Исус Христос. Такви средби се случуваат преку сиот наш живот. Кога сме биле мали и уште во пелени, нашите мајки нè однеле во храмот и нè претставиле пред Бога. Потоа, ние раснеме, постануваме способни, почнуваме да постапуваме според нашите умови и да се откажуваме од Божествениот пат и, често пати, го избираме широкиот пат. Патот, кој е исполнет со суети и со слабости, а преку тоа, се оддалечуваме од Бога и од нашата првична средба со Него.


Можности да се сретнеме со Бога има многу. Тие ни се дадени како залог на милоста Божја за средба со Него. Целокупниот наш живот треба да биде насочен за сретнување со Господа, но за тоа сретнување, треба да се подготвуваме. Да се подготвиме преку чистење и миење на нашите души, преку покајание и исповедување на нашите гревови и, само така, ќе можеме постојано да се издигнуваме кон Господа.


Секој човек кој е роден на земјата, независно од неговата волја и желба, ќе мора да се сретне со Бога на Праведниот суд. Ние, како верници и православни исповедници, да Го молиме Господа Исуса Христа да ни ја зацврсти верата. Да ни ја умножи љубовта и да одиме по правилниот, тесен и трнлив пат, и да го исполнуваме со добри дела. Па, така, да бидеме удостоени во другиот живот, да ги слушнеме зборовите: „Елате, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, приготвено за вас од почетокот на светот" (Мт. 25, 34). Амин!

 

Сретение Господово
15. 02. 2017 година
храм „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ Охрид

 

сретение2017 1сретение2017 2сретение2017 3сретение2017 4сретение2017 5сретение2017 6сретение2017 7сретение2017 8

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5