„Целиот свет најде во тебе заштитник, страдалнику, кој ги победуваш незнабошците. И, како што си ја победил горделивоста Лиева, и за борба си го охрабрил Нестора, така свети Димитрие, моли се на Христа Бога, да ни дарува милост голема“ (тропар на св. вмч. Димитриј).
На 08.11.2016 година, денот кога го прославуваме свештениот спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Сашо Богданоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Игор Никовски, свештеникот Зоран Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Nike shoes | Preview: Nike Air Force 1 "Tear-Away" Fauna Brown - GovМитрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска прославуваме еден голем маж на светата Православна црква. Маж кој својата вера ја посведочил со мачеништво. Тоа е светиот великомаченик Димитриј, Солунскиот чудотворец. Најголема добродетел во светот е љубовта. Кој има љубов оди во светлина, ги запазува Божјите заповеди и ги сака луѓето. А кој нема љубов, оди во темнина и не гледа што прави. Без љубов, злобата го заслепува човекот, онака како што го заслепила и Каин за да го убие својот брат Авел.
Злобата заслепила многумина во историјата, па затоа се извршени различни злосторства. Но, нашиот Спасител, Господ Исус Христос, кога се принесе на крстна смрт на Голгота, ни заповеда да имаме љубов помеѓу себе. Кој има таква љубов, тој живее во Бога и Бог живее во Него. Затоа Христос вели: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе" (Јн. 13, 35). Коренот на добродетелите е исполнувањето на законот во љубовта.
Има многу начини како да се манифестира љубовта кон Бога и кон ближните. Но, сепак, да се положи својот живот за Бога и за ближните е голем и невообичаен подвиг. Подвиг кој е определен за храбрите, мажествените, одлучните и нестрашливите Христови војници. Ние, од историјата на Црквата, знаеме дека во првите три века на христијанството, Црквата била жестоко прогонувана од Римските многубожечки императори. Христијаните, само заради тоа што верувале во Бога, Господа Исуса Христа, и заради тоа што не се согласувале да принесуваат жртви на разни кипови и идоли, биле казнувани, измачувани, а некои, пак, и убивани. Еден од нив, кој имал значајна војничка кариера, бил и св. Димитриј. Откако јавно ја исповедал својата вера дека е христијанин, бил симнат од високите позиции и бил фрлен во темница. А потоа, бил принудуван да се откаже од Христа. Но, откако не успеале сите ласкања и понуди, го завршува својот живот маченички.
Дали гледате браќа и сестри, како апостолите и мачениците се трпеливи заради љубовта кон Бога? Така и ние треба да ги поднесуваме сите маки и понижувања и евентуални страдања со трпение заради нашата вера и заради нашите вечни добродетели. Кој сака да влезе во царството небесно, треба да ги сака маките во животот и да поднесе секакви беди. Животните маки и искушенија треба да ги поднесуваме онака како што поднесувале сите Божји угодници. Поради нивната трпеливост и храброто исповедање на Бога, тие примиле небесни венци и Бог ги прослави со нивните чудеса низ целиот свет. Затоа и ние ги чествуваме, ги почитуваме и им се молиме тие да се молат на Бога за нас. Им се молиме за да се застапуваат пред Бога за нас, и Бог да ни даде сила и крепост, да можеме да ги поднесеме сите пакости и злоби кои ни ги приредуваат нашите видливи и невидливи непријатели. Поднесувајќи ги животните искушенија, да го изодиме нашиот христијански од и да добиеме милост Божја и да се вселиме со останатите праведни души за вечен и блажен живот. Амин!
Св. вмч. Димитриј Солунски
08.11.2016
храм „Св. вмч. Георгиј" Охрид








