„Откако со испоснички болки на земјата проживеа живот рамен на ангелите, телото му го покори на духот; како извршител на заповедите Господови, со добродетели си го запазил првобитниот образ, под небесата. Затоа, за страдалните подвизи, си примил награда од Христа Бога, Кој, по твоите молитви, ни дарува милост голема“ (хвалитна стихира на Утрена на преп. Јоаким Осоговски).

 

На 29.08.2016 година, денот кога го прославуваме празникот на Неракотворниот образ на Господа Исуса Христа и преподобниот Јоаким Осоговски, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Гари, Дебар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоерејот Никола Христоски, еромонасите Макариј, Ефросиниј и Кирил, свештеникот Миле Ангелоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Анатолиј. Денешниот ден беше посебен за сите нас, но особено за населението од Гари, кои оваа година го прославија големиот Јубилеј 150 години од заографисувањето на црквата во селото, зографисана од раката на најпознатиот зограф од Тресонче, Дичо Зограф. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

url clone | Women's Nike Air Jordan 1 trainers - Latest Releases , Ietp

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Денеска прославуваме еден од големите подвижници кој се појавил на македонското тло, преподобниот Јоаким Осоговски. Овој Божји угодник се подвизувал во втората половина на XI век на Осоговските планини. Св. Јоаким го поминал севкупниот свој живот во една духовна борба. Во борба, во која ги победувал човечките слабости, измолувајќи сила и крепост од Господа. Знаеме дека човекот е психосоматско битие, односно, постои со тело и душа. Едното е видливо и материјално, а другото е духовно. Помеѓу нив постојат спротивставувања. Телесното тежнее кон материјалното, односно, земното, пропадливото, страсното, гревовното и слично. Додека, пак, душата, кон возвишеното, светото и божественото. Во овој дуализам постои духовна борба и кој од овие елементи ќе преовладее, таков живот ќе живее еден човек. Божјите угодници се луѓе кои во оваа духовна борба извојувале победа и успеале материјалното и распадливото, преодното и гревовното да го заменат, односно, да се откажат од него и да посветат внимание на спротивното, односно, на духовното и светото.


За да се постигне оваа цел, или, за да се добие оваа битка, самиот човек, колку и да е силен, без Божјата помош нема да може да ја оствари зададената цел, односно, спасението на душата. Како што вели св. ап. Павле: „Сè можам преку Исуса Христа, Кој ме крепи" (Филип. 4, 13). Кога благодатта Божја ќе се излие врз еден човек, тој многу полесно ги пребродува и ги победува сите страсти, слабости, гревови и ги надминува препреките, сечејќи го гревот во себе уште во коренот. „Горделивоста е почеток на гревот" (Мудр. Сир. 10, 15). Гордоста Му е одвратна на Бога, и Бог, во срце горделиво не се вселува. Ако човекот ја победи оваа страст, тој постанува смирен, незлоблив, чесен, покаен, им опростува на своите блиски, се кае за своите слабости, не осудува никого, и така, дозволува Бог да се всели во неговата душа. Преку благодатта Божја тој делува и се изградува на духовен план, издигнувајќи се до небесните височини.


Подвижништвото е тежок и макотрпен пат преку кој се обезбедува благодатта Божја. Таа, пак, како што кажавме, ни дава сила да можеме сите стрели упатени од нечестивиот да бидат пресретнати и одбиени. Подвижниците се откажале од сè од овој свет. Се откажале од храна, обувки, облека, од роднини и пријатели, од слави и од почести. Севкупниот свој живот го насочуваат да бидат само Христови, да го исполнуваат законот Божји и да спечалат благодат Божја.


Еден од таквите Божји сосуди, врз кого обилно се излила Божјата благодат е и св. Јоаким, Осоговскиот Пустиножител и Чудотворец. Иако се поминати скоро десет векови, св. Јоаким, благодатта што ја добил додека бил ангел во тело, како што пееме во неговиот тропар, тој и денес обилно ја раздава на сите верници од неговиот свет гроб и од неговите свети икони. Ја раздава на сите кои со вера, набожност и страв Божји му се обраќаат и бараат поткрепа и помош за надминување на сите искушенија и страдања кои нé снаоѓаат во нашиот живот.


Прославувајќи го неговиот свет спомен, да му се обратиме со искрена молитва, тој нека се застапува со неговите свети молитви пред престолот на Севишниот. Да ни ја утврди верата за да можеме да ги надминуваме сите наши препреки кои нé оддалечуваат од Христовиот пат. Па да измолиме милост Божја и благодатта Негова да се излие врз нас, па да можеме да се надеваме на спасение на нашите души, сега и во сета вечност.


Драги браќа и сестри, ние, денеска, одбележуваме и еден редок јубилеј на овој свет храм. Поточно, одбележуваме 150 години од фрескоживописувањето на црквата „Св. Богородица" во с. Гари. Вашите предци имале голема вера. Во едно тешко и мачно време се погрижиле да го изградат овој свет храм и да го посветат на мајката Божја. Но, покрај оваа прекрасна архитектонска целина, тие се погрижиле и да го ангажираат најдобриот уметник на своето време, вашиот соселанец од Тресонче, Дичо Зограф. Овој наш голем и незаменлив мајстор на бои ги фрескоживописува ѕидовите на овој свет храм. За одбележување е што ова е последен храм во Реканскиот крај, каде што Дичо од Тресонче ќе фрескоживописува. Но, за жал, во подоцнежниот период, овој фрескоживопис ќе биде пресликан од Папрадишки, а со тоа ќе го изгубиме оригиналното дело на големиот мајстор. По овој повод, би сакале да им искажеме топла благодарност на вашите предци за овој голем зафат и да се помолиме за упокоение на нивните души. А вам, пак, како на црковен одбор и жители на Гари, да ви посакаме крепко здравје, силна и непоколеблива вера, за да ги одржувате црковните и народни традиции во вашиот храм. А мајката Божја нека биде наша заедничка заштитничка и помошничка, та сите препреки и искушенија полесно да ги пребродуваме и да Го славиме името на Отецот и Синот и Светиот Дух, а по молитвите на св. Јоаким, така нека биде. Амин!

 

Св. Јоаким Осоговски
29.08.2016 год.
Храм „Св. Богородица" – с. Гари, Дебарско

gari2016 1gari2016 2gari2016 3gari2016 4gari2016 5gari2016 6gari2016 7gari2016 8gari2016 9gari2016 10gari2016 11gari2016 12gari2016 13gari2016 14gari2016 15gari2016 16gari2016 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5