„Девственомаченице, сеславна страдалнице Параскево, со твоите молитви кон Господа, моли се да бидеме избавени од искушенија и невољи, и од идната осуда, ние што достојно го празнуваме твојот спомен, сефална маченице“ (стихира на Слава... на Господи повикав... на Вечерна богослужба на преподобномаченица Параскева).
На 08.08.2016 година, денот кога го празнуваме споменот на светата преподобномаченица Параскева, беше отслужена света архиерејска Литургија во храмот „Св. Петка“ во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоерејот Димче Ѓорѓиески, свештеникот Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Nike footwear | Autres
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Во Делата апостолски светиот апостол и евангелист Лука, подготвувајќи ги апостолите Варнава и Павле за проповед по светот, ги подучува дека на тој пат ќе ги пресретнуваат непријатности, страдања и маки. Но, тој е патот кој води кон Царството Божјо и кон вечен и блажен живот. Се поставува прашањето дали било потребно уште на самиот почеток овие служители Божји да бидат запознаени со тоа дека на тој пат ќе имаат страдања. Дали со таквото сознание не би се предизвикале во нив колебливост и плашливост во решителноста на оваа Божествена мисија.
Имајќи предвид дека апостолите се учители на словото Божјо, тие ништо не криеле со цел да ги запознаат и своите следбеници, а и воопшто христијаните дека патот до спасението е исполнет со трње. Со други зборови со маки и страдања. Но, само така се влегува во истото (Дела 14, 21-22). Токму ова сознание ги правело апостолите и првите христијани цврсти и непоколебливи во Евангелието и во науката на Господа Исуса Христа. Тие им го претскажувале страдањето, но со желба не да ги заплашат, туку да ги утврдат во учењето и во верата. Така утврдени во нивната душа се создава плодна почва, за тие храбро и непоколебливо да го шират зборот Божји.
Апостолите не велат: потребно ви е многу знаење и ученост за да го проповедате, а уште повеќе и да влезете во Царството Божјо. Црквата не е против учењето и знаењето. Но, тоа не е пресуден аргумент за остварување на христијанската цел – спасение и блажен живот. Ние од Евангелието знаеме за фарисејот кој прекрасно го познавал Мојсеевиот закон, но не се спасил. Скромниот, пак, цариник кој немал храброст ниту очите да ги подигне кон небото, туку со скрушеност го молел Бога за прошка на неговите престапи (Лк. 18, 13), бил оправдан и ја постигнал зададената цел, односно се нашол во дворот на блажените души.
Честопати може да се слушнат зборови како Царството небесно е тешко остварливо, бидејќи за тоа треба да се посвети многу време. Ние знаеме дека за земните нешта, кои ни се блиску, ни треба сериозен труд и време за да ги постигнеме. Возвишеноста, пак, и она што е на небото сметаме дека се многу далеку, па затоа тие се недостапни или е потребно многу време за остварување. Но, од историјата на нашата света Црква знаеме дека должината на времето не е пресудна за остварување на оваа задача која ни е зададена од Спасителот Господ Исус Христос. За тоа имаме пример во благоразумниот разбојник, кој бил распнат заедно со Господа Исуса Христа на Голгота. Тој го поминал целиот свој живот правејќи различни престапи и гревови, но во последен момент го изодел патот од пеколот до рајот со зборовите: „Спомни си за мене, Господи, кога ќе дојдеш во Царството Твое" (Лк. 23, 42).
Некои велат дека е потребно многу труд и подвизи за да се влезе во Царството Божјо. Може да се каже дека навистина е потребен труд и подвиг, но ние знаеме дека не секогаш должината на трудот и на подвигот се гаранција за успех. Од параболата за блудниот син, учиме дека тој кога дошол до сознание дека не е достоен да се нарече син на неговиот татко, во себе рекол: ќе одам и ќе работам како наемник. Но, уште пред да ги изговори зборовите: „згрешив пторив небото и пред тебе" (Лк. 15, 21), таткото му дал прстен на раката, односно, му го вратил достоинството, приготвил свечена гозба и го вовел во радоста.
Денес ние ја прославуваме светата маченица Петка Римјанка. Од нејзиниот живот знаеме дека потекнувала од богат римски род. Но, целокупниот свој имот го раздала на сиромашните и заминала да Го проповеда Христа, како во Рим, така и во околината. Во тоа време христијанството било забранета религија. Поради тоа, таа претрпела прогонство, затворање, непри-јатности, за на крај да го заврши животот маченички, со отсекување на главата.
Нејзиниот живот е само потврда на претходните укажувања дека христијаните, особено во првите векови не ги чекале послани килими и цвеќиња по патот, туку напротив – страдања и маки. Токму преку таквите непријатности тие го остварувале вечното блаженство, а нивните души се населувале во прегратките на Аврама, Исака и Јакова каде Го величаат и слават троединиот Бог, на Кого нека е слава и благодарност. Света Петка, пак, нека биде наша молитвеница и помошничка за и ние достоинствено и христијански да ги поднесеме сите непријатности кои нè пресретнуваат во нашиот живот. Да се надеваме на милоста Божја и така да ја оствариме зададената цел. Амин.
Св. Петка Римјанка
08.08. 2016 год.
храм. „Света Петка" (ман. „Свети Наум“) Охрид





