„Исполнувајќи го ветувањето на апостолите дека ќе им испратиш сила од висините, им Го испраќаш Светиот Дух, Христе, покажувајќи ни дека Ти си Вистината, и дека нема да се посрамат оние што навистина се надеваат на Тебе, Благи“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Понеделник на Светиот Дух).
На 20.06.2016 година, во Понеделникот на Светиот Дух - Втор ден Духовден, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Горан Ставрески, Владо Недески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Sportswear free shipping | Air Jordan 1 Retro High OG "UNC Patent Leather" Obsidian/Blue Chill-White UKМитрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Нашиот Спасител Господ Исус Христос, за време на Неговото Вознесение, на светите апостоли им заповеда да не се оддалечуваат од Ерусалим. „Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го ветувањето од Отецот" (Дела 1, 4) и „Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам при вас. А Утешителот, пак, Духот Свети, Кого што Отецот ќе Го испрати во Мое име, Он ќе ве научи на сè и ќе ви напомни за сè што сум ви зборувал" (Јн. 14, 16 и 26). Апостолите исполнувајќи ги овие зборови на Господа Христа, останале во Ерусалим. Како што се вели, останале во горната одаја, во онаа просторија каде што Господ Христос ја направи Тајната вечера. Така престојувајќи на новозаветниот Синај, Го очекувале доаѓањето на Господа Христа. На десеттиот ден се слушнал силен шум, како од ветар, и над апостолите слегол Светиот Дух во вид на огнени јазици. Апостолите се исполниле со Дух Свети, а исто така, и целата просторија каде што престојувале. Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите ги охрабрува и ги утврдува. Од плашливи Галилејски рибари ги прави силни, храбри, нестрашливи проповедници и исповедници на Господа Исуса Христа. Светиот Дух ги просветува и апостолите излегуваат низ Ерусалим и го проповедаат словото Божјо „и секој ги слушаше како зборуваат на неговиот јазик" (Дела 2, 6).
Од нивната проповед многумина го примиле христијанството, а некои, пак, ги прекорувале дека се пијани па затоа зборуваат на други јазици. Во Делата апостолски, светиот ап. и ев. Лука вели дека од првата проповед на ап. Петар, поверувале и се крстиле три илјади луѓе.
Божјата љубов и Неговото милосрдие и порано било изливано врз Еврејскиот народ. Таа љубов, тоа милосрдие Божјо било искажано преку преведувањето низ Црвеното море, праќање мана од небото, давањето вода од камен и слично. Но, како што ја излива Бог сега Својата благодат врз апостолите, такво нешто никогаш не било познато во долгата историја на Израелскиот народ.
Да го насочиме нашето внимание кон прашањето: Зошто Светиот Дух слегол во вид на огнени јазици? Дали Светиот Дух не можел да слезе во друг вид? Но, и тоа има свое значење. Кога Христос се крштева, Духот Свет слегува врз Неговата глава во вид на гулаб. Тоа ја означува чистотата, невиноста, кротоста и смирението на Господа Исуса Христа. Сосема поинаква е состојбата при слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. Св. ап. Лука вели: „И ненадејно се чу шум од небото, како да идеше силен ветар"(Дела 2, 2). Со овие зборови ни се јавува дека Светиот Дух слегол како силен ветар, како некоја бура. Бурата е голема природна сила којашто произведува необични пројавувања и безбројни последици. Нешто слично произведува и Светиот Дух во душите на верниците. Како што доаѓањето на бурата е невидливо, слично така е и слегувањето на Светиот Дух – невидливо. Но, манифестирањето и на бурата и на Светиот Дух се забележливи. Според едни толкувачи на Светото писмо, Светиот Дух ја избрал таа форма, дишење на бурата, за да им се јави и целиот народ Јудејски, којшто се собрал во Ерусалим, да го осети Неговото присуство. „И сите се исполнија со Дух Свети" (Дела 2, 4). Да запаметиме дека светите апостоли не примиле Дух Свети, туку, се исполниле со Дух Свети. И не само тие, туку и целата куќа каде што седеле. Како што светлината ја исполнува целата вселена, така и Светиот Дух ги исполнил апостолите и куќата каде што престојувале.
Слегувањето на Светиот Дух во вид на огнени јазици означува дека христијанството не е само за Израилот, туку, тоа е за целиот свет. Огнениот јазик го означува и Божјиот суд над човештвото, односно над неговата гревовност. Огинот е голема сила. Тој свети, топли, согорува, очистува, но, и уништува секакви трња и бодила. Нешто слично прави и Светиот Дух во срцата и душите на верните. Слегувањето на Светиот Дух во вид на огнени јазици означува дека словото Божјо се однесува на сите народи и на севкупното човештво, односно, негово избавување од гревовите. На грешниците им се дава простување, на заблудените спасение, на ожалостените мир, а на обременетите олеснување.
Прославувајќи го денеска Светиот Дух, да се помолиме на Севишниот. Он да ја испрати благодатта на Светиот Дух и врз нас. Да ни испрати дух на премудрост, дух на разум, дух на благородие и дух на вера. Па така, да го одиме нашиот христијански пат во правда и вистина и да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!
Втор ден Духовден
20.06.2016 год.
Храм „Света Софија" - Охрид





