„Маченику Христов, страдалнику, спаси ги оние што се во напасти, со твоите молитви избавувајќи ги од секаква беда и, изгонувајќи секаква лута душегубна тага, благодат и милост за нас испроси ни; та, спасени со твоите молитви, радувајќи се, сите да ги почитуваме твоите чесни подвизи, Георгие“ (хвалитна стихира на Утрена на свети вмч. Георгиј).
На 06.05.2016 година, на Светли Петок и на празникот на св. вмч. Георгиј - Ѓурѓовден, во манастирот „Св. вмч, Георгиј“ во Рајчица, Дебар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоерејот Никола Христоски, еромонасите Доситеј, Макариј, Ефросиниј и Кирил, свештеникот Благоја Спироски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Водосвет во Светлата седмица и беше прекршен празничнииот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Sportswear free shipping | Nike Air Max 270
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Христос воскресе!
„Овој ден го создаде Господ да се зарадуваме и возвеселиме во него" (Пс. 117, 24)
Воскресението Христово е Празник над Празниците и торжество над торжествата. Затоа, ниту еден празник не може да се спореди со радоста што ја носи овој празник кај секоја христијанска душа. Празникот поради тоа е создаден. Кога помеѓу себе се поздравуваме со Христос воскресе, чувствуваме како и ние со Христа совоскреснуваме.
Но, денеска, во овој светол и празничен ден, исто така го прославуваме и светиот великомаченик Георгиј Победоносец. Нашиот Спасител Господ Христос, кога го проповедаше светото Евангелие рече: „Кој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, и нека го земе крстот свој и нека оди по Мене" (Мк. 8, 34). Крстот, како симбол на страдање, мака, подвиг и смрт, има големо значење во историјата на христијанството. Нашиот народ вели: Без крст и крстно распнување нема ни воскресение. Претходно кажаните зборови на нашиот Спасител се однесуваат на секој еден кој е крстен и кој се нарекува христијанин. Така, сите ние, за време на нашиот овоземен живот, го носиме нашиот крст.
Секоја личност е посебна и двајца исти луѓе не постојат. Па, според тоа, постојат многу различни крстови во овој свет и живот. Но, сепак, како Црква, можеме да класифицираме постоење на три различни крста. Такви три крста се издигнаа на Голгота. Како што знаеме, на Велики Петок, нашиот Спасител Господ Исус Христос, како најправедна и најсвета Личност, како Богочовек, беше издигнат и распнат на крстот. Преку Господа Христа, се обележува крстот на Сеправедникот, на Сесветиот, на Богочовекот. Крстот на Оној што пострада за целиот човечки род.
Втор вид на крст е крстот на покаениот разбојник. Овој човек, кој правел големи престапи, гревови, убиства и разни недела, бил осуден и издигнат на крст заради неговите недела. Но, и покрај сите тие зулуми и пакости што ги правел во неговиот живот, кај него, совеста за разликување и препознавање на доброто од лошото, не била целосно помрачена. Тој, гледајќи Го Господа Христа, како невина и сеправедна Личност страда на правдина, неговото срце, неговата душа, во последен момент се покајала и побарала прошка за сè што направил во изминатиот животен пат. Со солзи покајни го молел Господа Христа: „Сети се на мене, Господи, кога ќе дојдеш во царството Свое!" (Лк. 23, 42). Семилостивиот Господ ја услишува неговата покајна и искрена молитва, му ги простува гревовите и му ветува: „Вистина ти велам: денес ќе бидеш со Мене во рајот!" (Лк. 23, 43). Овој покаен разбојник прв, по Христа, влегува во рајот Божји. Овој тип на крст е тој што го носат многу христијани, многу свети и Божји угодници, кои, во нивниот живот, со разни подвизи и преку носењето на сопствениот крст ги искајале своите гревови и се удостоиле да бидат во Божјата близина, односно во царството небесно. Овој крст, кон кој сме повикани сите, е крстот на покајанието. Без него нема влегување во царството небесно.
Третиот вид на крст, се оние луѓе што остануваат непокаени, неисповедани и кои се далеку од Црквата, далеку од Бога, далеку од правдата и од сè што е свето, благородно и возвишено. Нивните срца и нивните души остануваат скаменети и бесчувствителни за добродетели, онака како што било и срцето на непокаениот разбојник. Како срцето на оној, кој, наместо да ги гледа своите маки и страдања, висејќи на крстот, тој се приклучува кон толпата народ којашто го исмејувала Господа Христа со зборовите: „Ако си Ти Христос, спаси се Себеси и нас!" (Лк. 23, 39).
Денеска, прославувајќи го светиот великомаченик Георгиј Победоносец, Црквата нè учи како да го носиме сопствениот крст. Св. Георгиј бил подготвен да ги остави сите богатства и сите овоземни привилегии, но, не и да се откаже од Господа Христа. Заради таа вера и одданост кон Христа, го жртвувал својот млад живот, спечалувајќи вечен и блажен живот во царството Божјо.
Ние, денеска, кои сме собрани во овој свет манастир, посветен на овој Божји угодник, да побараме од св. Георгиј да измоли милост Божја. Да ни ја зацврсти нашата вера, па и ние да можеме да живееме и да правиме добри дела, а за прослава на Воскреснатиот Христос и за спасение на нашата душа. Амин!
Христос воскресе!
Светли Петок и св. вмч. Георгиј Победоносец
06. 05. 2016 година
Манастир „Св. вмч. Георгиј Победоносец" – Рајчица, Дебар










