„Како љубител на Духот, и како богогласна ластовица на благодатта, Претечо, ти на човечкиот род јасно му ја објави промислата на Царот Кој засветли од Чистата (Дева), заради обновување на луѓето, ослободувајќи ги од тагата, и кон вечен живот упатувајќи ги срцата на оние што се крштеваат во покајание, блажен Пророку“ (стихира на Слава... на Стиховни стихири од Вечерна на Собор на свети Јован Крстител).
На 20.01.2016 година, на празникот Собор на свети Јован Претеча и Крстител, во манастирот „Св. Јован Богослов“ - Канео во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Никола Христоски, свештениците Љупчо Симиџиески, Димче Азески и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.
Running sport media | FASHION NEWS
Митрополит Тимотеј
Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.
Драги браќа и сестри,
Денеска нашата света Црква го прославува празникот наречен Собор на св. Јован Крстител. Овој Божји слуга својата проповед ја започнува во Јудејската пустина. Таму пречекувал мноштво народ кој пристапувал кон него да биде крстен во реката Јордан. Св. Јован својата проповед ја започнува со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!" (Мат. 3, 2). Со истиве зборови Својата проповед ја започнал и нашиот Спасител Господ Исус Христос, извршувајќи го искупителното и спасително дело на родот човечки. Кога Господ Христос ги испратил Своите ученици на проповед им вели: „Одете најнапред кај загубените овци на Израилевиот дом. И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно" (Мат. 10, 6 – 7). Исто така, Господ Христос им дал заповед на Своите апостоли да ги повторуваат овие зборови за време на нивната божествена проповед. Овие зборови, преку устата на светите апостоли и на нивните следбеници и наследници пренесени се по целата вселена, од еден крај до друг. Нема христијанска душа, која не слушнала за овие пораки на светата Христова Црква.
Но, се поставува прашањето, што е тоа царство небесно? Зошто и од каде се приближува кон нас? Кои се тие патишта кои нè водат кон царството небесно и зошто нашиот Спасител ја започнал и ја завршил Својата проповед со тие зборови?
Царството небесно, не е царство на луѓе, ниту, пак, на овој свет. Тоа царство е на Господарот Кој се јавува, Господ Творецот на сè земно и небесно. Тоа царство не се состои во земните богатства кои ги создаваат луѓето, кои, често пати, знаат да бидат грабнати од нивните раце. Тоа се состои од небесни ризници кон кои се стреми секоја христијанска душа во својот земен живот. Патот кон тие ризници е исполнет со молитва, покајание и со добри дела. Тоа е небесното царство. Царството што Господ го приготвил за Своите верни чеда за вечен и блажен живот.
Небесното царство не се состои во земно насладување, кое, пак, насладување ја обременува и ја спречува душата да оди по патот што нè води кон тоа царство. Небесното царство е духовна наслада којашто создава радост во Духот Свети. Граѓани на тоа небесно царство се јавуваат ангелите, праотците, подвижниците, мачениците, пророците и безброј Божји угодници, кои, со својот живот, се удостоиле да го наследат тоа небесно царство. Но, највисоко од оние коишто се населиле во тоа небесно царство, стојат Пресветата Мајка Божја Богородица и св. Јован Крстител, Претечата Господов, чијшто празник денес го прославуваме.
Како што знаеме, св. Јован Крстител имал тежок и трнлив пат од самиот почеток на неговото раѓање. Бил роден од стари родители и уште како дете останал без нив, а потоа, ќе се повлече во пустина каде што ќе живее строг подвижнички и испоснички живот, хранејќи се со див мед и со скакулци, а за облека имал кожа од камила. Но, кога ќе наполни 30 години, ќе излезе на јавна проповед со зборовите покајте се зашто се приближи царството небесно. Овој подвижник се јавува како бестрашен проповедник на словото Божјо, како силен и бестрашен изобличувач на секој грев и порок, непоштедувајќи ги ниту моќниците на тоа време, како што е случајот со Ирод. Токму таа негова храброст и исправност во изобличувањето на ниските страсти ќе го доведат до маченичко завршување на сопствениот живот. Пораката од св. Јован Крстител, која е упатена кон Еврејскиот народ, се однесува кон секоја христијанска душа, а тоа е да се покаеме. Покајанието е средство преку кое секој христијанин има можност да се ослободи од сите гревови и страсти кои го придружуваат во овоземниот живот. Но, покајанието мора да биде искрено, сецело и одлучно. Да се прекратат сите дејанија кои и наштетуваат на душата и ја попречуваат кон возвишените цели во одот кон царството Божјо.
Ние, прославувајќи го денеска св. Јован Крстител, да се угледаме на неговиот свет, подвижнички и испоснички живот. Да отфрлиме од нашиот живот секакви земни приврзаности, кои ни попречуваат да можеме исправно, чесно и достоинствено да го следиме патот Христов. Да ја здобиеме милоста Божја и благословот од св. Јован, па да можеме да се надеваме да го наследиме небесното царство, каде што престојуваат Божјите угодници и безброј христијански души, кои се удостоиле со таква чест и слава, па заедно со нив и ние да го величаме и прославуваме името Божјо, сега и во сета вечност. Амин.
Собор на св. Јован Крстител
20. 01. 2016 година
манастир „Св. Јован Канео" - Охрид





