„Богомудри луѓе, соберете се, зашто скинијата на Божјата слава, од Сион се преселува во небесното живелаиште, каде што се слуша чистиот глас на тие што празнуваат, гласот на радоста неискажлива, на оние што весело му пеат на Христа: Најпрославен Боже на татковците, и наш, благословен си“ (песна од Канонот на Утрена на Успение на Пресвета Богородица).
Дојдете луѓе да ја прославиме неуморната во молитвите Богородица и бедемот на светот, која што ниту гробот, ниту смртта не ја задржаа, зашто како Мајка на Животот, денес се преселува кај Животот, нашиот Спасител и нејзиниот Син. Токму тоа вселување на Светињата во светите, денеска го прославивме со радост и песни, заедно со ангелите, кои го воспеваат Успението на Пречистата Дева.
На овој светол и велик ден, на 28.08.2017 година, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Љупчо Симиџиески, Ромео Петрески, Димче Азески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. Овој ден и оваа света Литургија ќе останат засекогаш запаметени за нашиот брат во Христа Александар Димоски од Охрид, кој денеска, од раката на Митрополитот Тимотеј, беше ракоположен во ѓаконски чин. Александар Димоски е роден во Охрид, каде што и го завршува основното образование. Потоа се запишува во МПБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а високо образование завршува на Богословскиот факултет во Солун. Моментално е на постдипломски студии на истиот факултет, а вработен е како професор во Средното богословско училиште во Скопје. Од името на целата епархија и нашиот Митрополит, му го честитаме ѓаконскиот чин на Александар, со молитви кон Бога, вистински, со љубов и долгоденствено да Му служи на нашиот Создател, на Неговата света Црква и на нашата света Македонска православна црква. Оваа Литургија ќе остане запаметена и за свештеникот Љупчо Симиџиески, кој од раката на Митрополитот Тимотеј беше произведен во протоерејски чин. Од името на целата епархија му го честитаме чинот и на отец Љупчо.
Buy Sneakers | New Balance 991 Footwear