Во продолжение, интегрално ви го пренесуваме говорот на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, одржан на свечената Духовна академија, на 30 септември 2017 година, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид.
СТЕФАН,
Архиепископ охридски и македонски
Години потпрени врз векови
Господ Исус Христос го победи светот иго основа Своето Царство - Црквата, за која рече дека портите на адот нема да ја надвладеат .Со тоа вети дека таа, како Негово Царство – ќебиде вечна. Црквата е икона на својот Владетел и Негово вечно почивалиште. Во тоа Царство на Бог Троица, се извршува нашето спасение, нашето осветување и преобразување, нашето обожување. Црквата е домот на Добриот Отец, каде што Неговите синови делат сè со Него и сè што е Неговое и нивно.
Човекот, пак, по природа е создаден за тоа Царство, создаден да биде учесник во Божјата природа. „Надвор од Црквата нема спасение", и самата Црква е спасението.А спасението е откровение на вистинскиот пат, и таа вистина се наоѓа и се открива само во Црквата. Полнотата на откровението постои само во тајната на воплотувањето, бидејќи овде не се открива само Бог, но и човекот. Бог, Кој владее со Своето Царство - Црквата, која ја гледа и споредува со своето Богочовечко тело, го повикува човекот да биде со Него и да биде владетел на сопствената волја и да заедничари со Него. Ако Црквата е телото на Богочовекот Христос, а Самиот Христос е нејзината Глава, тогаш сите ние кои сме повикани да бидеме дел од тој организам, сме свети, како што е Свет нашиот Возглавител.





